Стручњаците предупредуваат на ризик од труење ако храната не се складира правилно
Остатоците од оброк не треба веднаш да се фрлаат, но нивното чување има свои правила. Неправилното складирање може да доведе до сериозни здравствени проблеми, вклучително и труење со храна. Микробиологот д-р Примроуз Фристон укажува дека одредени намирници се особено ризични ако не се чуваат правилно.
„Труењето со храна се јавува по консумирање на храна контаминирана со патогени бактерии, габи или вируси“, рекла таа. „Повеќето луѓе знаат дека тоа може да го предизвика недоволно термички обработена храна или ризични навики при подготовка, но важен причинител може да бидат и неправилно чуваните остатоци од храна. Затоа е многу важно да се внимава како се чуваат остатоците за да се избегнат здравствени проблеми“, додала.
Кои намирници се најризични
Д-р Фристон посочува дека дури и зачини како босилек и оригано можат да бидат извор на контаминација. „Можеби звучи необично, но сушеното билје и зачини што луѓето често ги додаваат на пица, како босилек и оригано, можат да бидат подложни на микробна контаминација“, објаснила таа.
Контаминацијата може да настане уште при берењето, а некои микроорганизми преживуваат и по термичка обработка.
„Дури и ако тоа сушено билје се стерилизира со топлина при свежо печена пица, по печењето и предолго стоење на собна температура, тоа, како и другите додатоци на пицата, може да стане идеална подлога за размножување на штетни микроорганизми“, предупреди таа.
Пицата треба да се стави во фрижидер најдоцна два часа по подготовката и да се изеде во рок од два дена.
Оризот е уште една ризична намирница.
„Иако самите бактериски клетки се уништуваат со топлина за време на готвењето, нивните спори се отпорни на високи температури и можат да преживеат“, вели д-р Фристон.
Ако не се излади навреме, може да се развијат бактерии кои создаваат токсини.
„Тие исто така можат да создаваат токсини во сварениот ориз, што може да предизвика силно повраќање и дијареа кои може да траат до 24 часа“, предупредила.
Откако ќе се излади, оризот е безбеден за јадење само во следните 24 часа.
Колку долго може да стои храната
Свареното пилешко месо исто така спаѓа во високоризичните намирници.
„За безбедност, откако ќе го извадите свареното пилешко од рерната или тенџерето, делот кој не планирате веднаш да го јадете треба да го покриете и што побрзо да го ставите во фрижидер, веднаш штом малку ќе се излади“, препорачала таа.
На собна температура не смее да стои подолго од неколку часа, а во фрижидер може да се чува до три дена.
Претпазливост е потребна и со конзервираната храна. По отворањето, содржината треба да се префрли во затворен сад за да се избегне контаминација.
„Времето на чување зависи од видот на намирницата. Портокал или домат може да стои пет до седум дена, додека месо, риба, овошје, зеленчук и тестенини можат да се чуваат најмногу до три дена“, заклучила.
