Украинската премиерка Јулија Свириденко на 12 јули потврди дека поднесува оставка од функцијата, откако претседателот Володимир Зеленски најави реконструкција на владата и промена на политичката стратегија на земјата. Нејзината одлука изненадила дел од пратениците во владејачката партија „Слуга на народот“ и поттикнала шпекулации за вистинските причини за смената, објави „Киев Индипендент“.

„Ситуацијата е чудна“, изјавил еден пратеник за медиумот, под услов да остане анонимен. Според него, оставките во владата обично се крајна мерка и најчесто се очекуваат наесен, кога почнува политичката сезона и кога јавноста, во услови без избори, очекува промени. Тој додал дека не гледа очигледна причина поради која Свириденко би требало да биде сменета.

Свириденко, која во јули 2025 година го замени поранешниот премиер Денис Шмихал, според најавите на Зеленски сега треба да преземе нова улога во водењето на соработката со клучните украински партнери. Украинскиот претседател на социјалните мрежи објави дека земјата ја менува својата политичка стратегија и дека секој приоритетен надворешнополитички правец ќе биде надгледуван од лице со големо искуство, кое ќе биде задолжено за спроведување на договорите постигнати на ниво на лидери.

„За деталите разговарав со украинската премиерка Јулија Свириденко. Се согласивме дека спроведувањето на овие промени бара обнова на Кабинетот на министри“, напиша Зеленски.

Свириденко, која претходно го предводеше Министерството за економија, објави дека со Зеленски разговарала за предизвиците со кои се соочува земјата, за промените потребни за зајакнување на работата на владата и за односите на Киев со меѓународните партнери. Таа порача дека ќе продолжи да ѝ служи на украинската држава. Нејзината оставка сè уште треба да биде одобрена од парламентот.

Партијата „Слуга на народот“ треба да одржи состанок на 14 јули, на кој ќе се разговара за кадровските промени. Според двајца пратеници, меѓу можните кандидати за наследник на Свириденко се шефот на државната енергетска компанија „Нафтогаз“, Сергеј Корецки, министерот за енергетика Денис Шмихал, кој беше премиер од 2020 до 2025 година, министерот за одбрана Михајло Федоров и градоначалникот на Харков, Игор Терехов.

Зеленски објави дека претходно во текот на денот поединечно се сретнал со сите четворица функционери. Корецки во моментов се споменува како главен кандидат, иако еден пратеник изјавил дека воопшто не го познава и дека претходно не слушнал за него. Друг пратеник од владејачката партија, исто така под услов да остане анонимен, нагласил дека засега сите имиња се само шпекулации.

Зборувајќи за новата политичка стратегија, Зеленски наведе дека меѓу приоритетите на Киев се договорите со Соединетите Американски Држави за лиценцирано производство на проектили за противвоздушниот систем „Патриот“, европскиот проект за противбалистички ракети, процесот на пристапување на Украина во Европската Унија и обновувањето на односите со Унгарија и Полска.

Меѓу останатите приоритети се економската и безбедносната соработка со земјите од Заливот, натамошниот ангажман со Кина и со меѓународните организации, како и дипломатските напори за завршување на руската инвазија. Зеленски најави и промени во раководството на украинските органи за спроведување на законот, но не прецизираше кои институции ќе бидат опфатени.

Последната голема реконструкција на украинската влада беше спроведена во јануари 2026 година, по големиот корупциски скандал од ноември 2025 година, во кој беа вмешани лица од најблискиот круг на Зеленски, меѓу кои и поранешниот шеф на Кабинетот на претседателот, Андриј Јермак.