Уште колку автобуски несреќни треба да се случат и колку човечки животи да се изгубат за конечно надлежните институции да почнат да си ја вршат својата работа, дали правдата и оставките во државата стануваат „мисловна именка“ се само дел од прашањата кои изминатите три дена се поставуваат по несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија, каде трагично животот го загубија дури 45 луѓе, а само седум успеа да се спасат.
Но, надлежните институции не само што ќе треба да ги утврдат точните причини за тоа како, зошто и што предизвикало да дојде до несреќата, туку да ги утврдат и одговорност за пропустите кои што се направени, имајќи во предвид дека превозникот „Беса Транс“ немале лиценца за транспорт.
Информацијата дека транспортерот „Беса Транс“ имале валидна лиценца за меѓународен транспорт на патници, но автобусот со кој се случи несреќата не бил евидентиран во системот и немал извод од лиценцата за транспорт, првично ја соопшти министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, додавајќи дека поради ова министерството експресно започна постапка за одземање на лиценцата.
За откривање на пропустот Бочварски го посочи и Државниот инспекторат за транспорт, а контрола на документацијата при излез на автобусот требало да направи и царинската управа.
-Сега очекуваме истрагата на покаже каде настанал пропустот во однос на тоа која институција требало да го исконтролира на граничниот премин, согласно Законот за патен превоз Царинската управа треба да ги проверува овие документации, изјави Бочварски.
Но институциите си ја префрлаат топката за одговорност, од страна на директорот на државниот инспекторат за транспорт Руфат Хусеини беше изјавено дека практично одговорна за излез од државата е царинската управа.
Стварно ние не знаеме кога е купен овој автобус за оваа компанија, во кое време и кога е регистриран и зошто не аплицирал да добие извод од лиценца. Согласно Законот за превоз во патниот сообраќај, Царинската управа на граничните премини има овластување, во законот пишува дека сите документи за излез од Македонија, во кои влегува и изводот од лиценца, ако превозникот не ги поседува мора да го вратат. Значи му забранува излез од државата. – и да имал и да немал извод не влијае на несреќата – изјави –Хусеини.
Како што беше информирано од страна на Царинската управа било извршена проверка каде што било утврдено дека воопшто не било евидентирано дека автобусот на „Беса Транс“ ја напуштал државата, а поради тоа неправилно постапување двајца царинарници се суспендирани.
За досега утврдените неправилности во постапувањето, за двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат преземени мерки суспендирање од работното место, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање“, се вели во соопштението од Царинската управа.
Здруженијата за превоз на патници велат дека преминот на граница без документи е пракса која што трае со години, а до сега никој не се ангажирал да испита што се случува и кој ги дозволува овие пропусти. Ова е втора трагедија за само три години, а од она што досега е јасно е дека, не само што нема одговорност од високи функционери кои што се најповикани во вакви моменти да сносат одговорност, туку се поочигледно е дека оставките во нашата држава станаа „мисловна именка“.
Па така додека институциите си ја префрлаат вината за тоа кој бил одговорен, зошто има пропуст, дали доколку не се направени овие пропусти ќе дошло до ваква несреќа, и додека одговорност сносат вработени во пониските ешалони на институциите, министерот за транспорт и врски Бочварски кој е најповикан за одговорност не можност за евентуална оставка од морални причини.
Додека оставката на Бочварски станува мисловна именка, Македонија тагува. Властите прогласија три дневна жалост, а телеграми со сочувство пристигаа од сите страни.
Впрочем, додека се чекаат одговори и одговорност, она што сега е важно во овој момент е да започне процесот на ставање крај на системот на клиентелизам и од истрагата која започна во соработка со македонското и бугарското обвинителство конечно да се утврдат вистинските причини за несреќата и конечно за прв пат некој да сноси одговорност за несреќата за кои животот го загубија дури 46 лица.