Во денешната емисија „За или против“ на телевизија Алфа, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, ја коментираше оставката на Илире Даути од функцијата претседател на Собраниската комисија за социјална политика, демографија и млади. Стојаноска ја критикуваше и акцијата на пратениците од СДСМ, нарекувајќи ја „кукавичка“.

„По завршувањето на работата на седницата, кога беше изгласана интерпелацијата за Даути, ова прашање беше веќе решено“, изјави Стојаноска, додека го објаснуваше процесот на гласање и како одлуката била постигната со 61 глас за.

Таа нагласи дека во тој момент беше јасно дека парламентарниот процес бил завршен и дека нема место за понатамошни маневри.

Стојаноска исто така посочи дека Европскиот фронт не успеал да ја убеди јавноста со своите четири интерпелации, кои, според неа, не ја имале потребната поддршка за да се продолжи со нив. „Тие не успеаја да ја убедат јавноста за нивната позиција“, истакна пратеничката, додавајќи дека обидите на Европскиот фронт да се претстават како жртви се само обид да се покрие нивниот неуспех.

Кукавичкиот чин на СДС: Стојаноска ги критикува пратениците од опозициската партија

Стојаноска ја критикуваше и одлуката на пратениците од СДСМ да ја напуштат седницата на Комисијата за социјална политика. Според неа, тоа било „кукавички чин“, бидејќи пратениците на СДСМ не биле присутни на работата на комисијата, иако како поднесувачи на закони, биле должни да бидат активни учесници во процесот.

“Проблемите започнаа кога Илире Даути беше обврзана, согласно Деловникот, да го стави на дневен ред на Комисијата, откако ќе поминат шест часа од пленарната седница каде се разгледуваше измената на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за бранители. Првопотпишана на овој закон беше Славјанка Петровска, но не само таа, туку ниту еден пратеник од СДСМ, без разлика дали бил член или заменик на комисијата, не бил присутен на нејзината седница, вклучувајќи ја и самата Славјанка

Очекувања за нов претседател на комисијата

Во однос на иднината на Комисијата за социјална политика, Стојаноска изјави дека очекува нов предлог за претседател од страна на наведената пратеничката група. Меѓутоа, таа додаде дека и без новиот претседател, работата на комисијата може да продолжи непречено, благодарение на актуелниот заменик-претседател, Илир Демири.

„Нема никаква пречка за комисијата да продолжи со работа, а сите нејзини функции ќе бидат исполнети без проблеми“, истакна Стојаноска, уверувајќи дека парламентарниот процес ќе продолжи без забавување.