Пресудата следува по признание на вина за убиство од користољубие

Основниот суд во Кавадарци денеска го осуди 43-годишниот С.И. на доживотен затвор поради убиство на својот помлад брат Илија Иванов, кое се случи на 27 јули годинава. Судот донесе пресуда врз основа на признание на вина поднесено од обвинетиот, потврдувајќи дека делото било сторено од користољубие.

Според обвинението од Основното јавно обвинителство Кавадарци, расправата на роденденот на жртвата ескалирала бидејќи обвинетиот верувал дека брат му сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од гнев и омраза, тој го нападнал со тапиот метален дел од тесла, нанеcувајќи смртоносни удари. По нападот, обвинетиот се вратил во домот на жртвата неколку пати за да го прикрие делото, ја бришел крвта, а телото го префрлил во шупата, затрупувајќи го со ров и предмети.

Во периодот од 30 јули до 5 август, додека телото било непронајдено, обвинетиот неколку пати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата. Обвинението било поднесено на 28 октомври, а обвинетиот во целост го признал начинот на извршување на делото како што беше наведено во обвинителниот акт.

Судот, исто така, донесе решение со кое се продолжува претходно определената мерка притвор до почетокот на издржувањето на казната доживотен затвор.