Осумдесетгодишен државјанин на Грција е осомничен за убиството во Виница, откако полицијата го расчисти случајот и најави кривична пријава против него. Телото на 56-годишниот маж било пронајдено во близина на градските гробишта.

Според МВР, на 28.03.2026 во 16:11 часот во ОВР Виница било пријавено од Итната медицинска помош дека во близина на гробиштата е пронајден починатиот Д.А.(56) од селото Липец. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на обдукција.

Во рамки на истрагата, полицијата привела четири лица – И.Л.(24), Г.П.(80) и С.Р.(55) од Грција, како и С.З.(57) од битолското село Жабени.

При извршените претреси во возилата и апартманите каде престојувале осомничените во Виница, пронајдени се четири ловни пушки, околу 800 парчиња ловечка муниција и друг доказен материјал.

Против Г.П.(80) ќе биде поднесена кривична пријава за „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик, додека за останатите лица ќе следуваат соодветни поднесоци до ОЈО Кочани.