Владата на денешната седница соопшти дека ги проверила документите доставени од СДСМ и ДУИ и ги отфрли шпекулациите и неточните наводи поврзани со работењето на Министерството за животна средина и просторно планирање. Според соопштението од Владата, инспекцискиот надзор спроведен од Управниот инспекторат утврдил незаконско постапување во однос на архивското работење.
Од Владата појаснуваат дека надзорот се однесува исклучиво на административните практики за управување со архивски материјали. Оваа практика, според утврдените факти, е воспоставена во 2017 година и континуирано се применувала во текот на мандатите на министри од СДСМ и ДУИ во претходните влади.
-
„Ако по логиката на Кузевска ова е прекршување на законите, тогаш значи дека законот бил прекршен од Владата на СДСМ и ДУИ,“ се наведува во соопштението.
Владата потенцира дека останува посветена на транспарентноста и ги повикува сите заинтересирани страни да извршат увид во документацијата за целосно и точно информирање на јавноста, согласно повикот од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од Владата нагласија дека се посветени на професионално и законито работење во интерес на граѓаните и нема да дозволат неточни информации да ја нарушат довербата во институциите.
-
„Остануваме посветени на транспарентноста и ги повикуваме сите релевантни страни да ја проверат документацијата. Целта е јавноста да биде точно информирана,“ додаваат од „Илинденска“ број 2.
Во контекст на ова, Владата ги повика сите страни да се воздржат од спекулации и неосновани обвинувања и да ја почитуваат законската процедура за расветлување на сите аспекти од случајот.