Заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, соопшти дека му ја доставил на премиерот Христијан Мицкоски својата оставка од функцијата што ја извршуваше. Тој повеќе од два месеци не се појавуваше на работа.

Во јавна објава на социјалните мрежи, тој напиша дека одлуката е донесена внимателно и произлегува од неговото убедување дека во актуелните околности тоа е најправилен и најдостоинствен чекор. Фетаи оцени дека за време на неговиот мандат придонел за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото.

„Денес му ја доставив на премиерот мојата оставка од функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење. Во изминатите две години имав чест и привилегија да ѝ служам на државата, придонесувајќи за реформи што имаат за цел зајакнување на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото — мисија која е исто толку важна, колку што е и неблагодарна.

Дали сум целосно задоволен од она што го постигнавме? Секако дека не. Секогаш има простор за повеќе, за подобро и за побрзо. Но дали работев со максимална посветеност за да поставам здрави темели врз кои може понатаму да се гради? Без никаква дилема, да.

Заминувајќи со крената глава и со чиста совест. Ова е внимателно донесена одлука, базирана на убедувањето дека во актуелните околности ова е најправилниот и најдостоинствениот чекор.

Им благодарам на сите што ми укажаа доверба, ме поддржаа и соработуваа со мене. Посебна благодарност до мојот тим, меѓународните партнери, граѓанското општество и граѓаните кои ми беа поддршка и мотивација на секој чекор.

Службата на јавниот интерес не завршува со функцијата. Напротив, таа продолжува секаде каде што има потреба од интегритет, храброст и слободни гласови во одбрана на заедничкото добро“, напиша Фетаи.