Авиоиндустријата постојано се соочува со предизвици што неретко и ја блокираат, но и делумно ја уриваат таа стопанска гранка – терористички напади, САРС и ковид-епидемиите и други непогоди…
Британската стјуардеса Крис Мејџор работи во воздухопловството повеќе од две десетлетија. Таа сега е, вели, на првата линија на најтешката авијациска криза досега – тн. пост-ковид криза, т.е. патувачкиот хаос ова лето. Мејџор, која претседава со Одборот на воздушен персонал при Европската федерација на транспортни работници, што ги претставува европските стјуарди и пилоти, вели дека персоналот на летот се бори како никогаш досега.
– Ова е целосно неодржливо како работа. Додека патниците се враќаат кон воздушниот сообраќај во голем број, по паузата од пандемијата, авиокомпаниите и аеродромите ширум светот се борат да ја усогласат понудата со побарувачката, појасни таа.
Резултатот е – откажани летови, изгубен багаж, а и патниците ја губат вербата во авионската индустрија како целина. Според Крис, тоа е апсолутно неорганизирано. Со неа се согласуваат и стјуардите ширум светот.
– Недостатокот на персонал, доцнења, откажувања, изгубен багаж – мислам дека е многу тешка ситуација за сите, изјави стјуардесата на „Луфтханза“ од Германија, Даниела Каса Мбамби за „Си-ен-ен травел“.
Американската стјуардеса Али Малис верува дека тоа можело и да се спречи со подобра организација.
Кога летовите беа приземјени во време на корона-пандемијата, многу авиокомпании и аеродроми отпуштаа работници. Затоа, авиопревозниците сега имаат и недостиг од заинтересирани и од квалификувани работници.
Стјуардесите и стјуардите велат дека ваквите ситуации, заедно со непредвидливите распореди, го уништуваат и психо-физичкото здравје на екипажот.