Министерскиот состанок на водечките економии во светот Г20 започна со дипломатски тензии во Атланта. Поради одбивањето на дел од дипломатите да застанат до рускиот министер за надворешни работи, американските домаќини целосно го откажаа традиционалното групно фотографирање на учесниците.

Американскиот државен секретар Марко Рубио упати повик до земјите членки за координација и единство, предупредувајќи дека геополитичките конфликти и економските потреси создаваат директни закани врз глобалната трговија, снабдувањето со храна и енергенси, како и врз меѓународната пловидба.

„Г20 мора да работи заедно за да се соочи со овие закани“, порача Рубио.

Тој оцени дека предизвиците бараат заеднички мерки и стабилен глобален одговор.

„Предизвикот што го имаме, предизвиците на кои им се посветивме за време на претседателството на претседателот Доналд Трамп, се повеќестрани и меѓусебно поврзани, а такви мора да бидат и решенијата“, изјави американскиот државен секретар.

Сепак, присуството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предизвика бојкот на официјалната церемонија за фотографирање. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул уште пред почетокот на самитот најави дека нема услови за испраќање сигнали за нормализирање на односите со Москва.

„Во овој момент, претпоставувам дека „семејна фотографија“ воопшто нема да има“, изјави Вадефул.

Тој појасни дека западните земји одбиваат таков гест додека продолжуваат воените дејствија во Украина.

„Нема да има семејна фотографија на која се прикажани нашите европски партнери заедно со господинот Лавров. Нема нормалност со Русија. Мораме тука на маса да ги размениме нашите спротивставени ставови“, порача германскиот министер.

Вадефул истакна дека суштинските разговори не смеат да послужат за погрешни пораки во јавноста.

„Ете зошто дискусијата е важна. Но, исто така, мора да избегнеме испраќање лажни визуелни сигнали“, рече тој во врска со откажаното фотографирање.

Покрај несогласувањата поврзани со Русија, германскиот дипломат се осврна и на ситуацијата со Иран, нагласувајќи ја неопходноста од отворање на Ормуската Теснина и дипломатско деескалирање на кризата на Блискиот Исток.