Софистициран канал за шверц на марихуана од Македонија кон Србија бил прикриван како легална трговија со текстилна стока, а дрогата се транспортирала во пратки декларирани како „квалитетни лесни перници“. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против шест лица поврзани со околу пет тони марихуана откриени во Коњух, Србија, кои од земјава излегле преку граничниот премин „Табановце“.

Според информациите што ги објави емисијата „Код“ на ТВ Телма, на документацијата стоката се водела како производ со ниска вредност и безбедносен ризик, што овозможувало да минува без детални проверки на граничните премини. Во Србија марихуаната пристигнала со камион пријавен како товар со „квалитетни лесни македонски перници од Прилеп“, кои формално биле наменети за Манчестер, Англија.

Перниците биле извадени од камионот и претоварени во друго возило, по што првиот камион бил наполнет со кутиите со марихуана. Возач бил Александар Ивановски, кој во моментов се наоѓа во притвор.

Како првоосомничен, според соопштението на Обвинителството, се наведува сопственикот на скопската фирма „Алфафарм“, Предраг Брковиќ. Тој, заедно со други засега неидентификувани лица, организирал набавка на марихуана и нејзино повеќекратно транспортирање од Македонија до Србија со товарни возила, со намера за понатамошна продажба.

Од ОЈО ГОКК информираат дека Брковиќ им давал насоки на вработените за пакување на сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, претходно набавен од фирмата „ЦБД Медплант“ од струмичкиот регион. Во период од околу две недели биле подготвени повеќе од 200 кутии, по што на вработените им бил одобрен колективен одмор.

На 13 јануари 2026 година, во пладневните часови, двајца ортаци – едниот осомничен во Република Северна Македонија, а другиот во Република Србија – организирале транспорт на поголема количина сув цвет од канабис со товарни и патнички возила од објектот на правното лице во Скопје до локација во атарот на Свети Николе.

Обвинителството наведува дека првоосомничениот, заедно со други неидентификувани лица, организирал кутиите да бидат натоварени во возилата и во два наврата пренесени до таа локација. Клучниот момент, според истрагата, бил кога товарното возило првично наменето за превоз на лесни перници било испразнето, а наместо перници во него биле натоварени кутиите со сув цвет од канабис.

Од Свети Николе камионот се упатил кон граничниот премин „Табановце“ и ја напуштил државата, носејќи ја пратката кон Србија.

Истрагата продолжува, а од Обвинителството најавуваат дополнителни активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста на сите инволвирани лица.