Во кругот на Полициската станица во Пробиштип денеска беше откриена спомен-биста во чест на полицискиот службеник Тоше Тодоровски, кој загина извршувајќи задача за време на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На настанот присуствуваа неговото семејство, колегите, претставници на институциите, синдикатите и бројни граѓани, кои со достоинство и почит се поклонија пред делото на Тоше.
– Шест месеци по оваа голема трагедија, болката и тагата сè уште се силни, но вечен ќе биде и споменот за неговата храброст и саможртва. Тоше останува симбол на посветеноста и на пожртвуваноста на македонскиот полициски службеник, човек кој својот живот го стави во служба на заштитата на другите – рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Министерот додаде дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да стои покрај семејствата на загинатите, да ја чува нивната жртва од заборав и да се бори за правда, во името на сочувството, достоинството и почитта кон оние кои најмногу изгубија.
– Вечна слава и благодарност за Тоше. Хероите живеат вечно, Тоше ќе живее вечно – порача министерот Тошковски.