Косовската полиција уапсила две лица и запленила 36.180 килограми месо со истечен рок во месноста Захаќ во градот Пеќ, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението, се работи за телешко и пилешко месо и риба по потекло од Бразил, Италија и Полска. Месото, кое е откриено во депо за отпадоци, е конфискувано и ќе биде уништено.
Во врска со случајот се уапсени лицата А.Х., менаџер на пет деловни единици и А.А., заменик директор на депото за отпадоци.
Тие се сомничат за кривичното дело „производство и пуштање во промет на штетни прехрамбени производи“. На А.Х.му е одреден 48-часовен притвор, додека А.А. е пуштен во редовна процедура.