Социјалистичката партија на Македонија ја упатува јавноста на одлуката на Уставниот суд со која го укинува Правилникот за видот на штетни материи, како и начинот и методите на земање примероци за утврдување на штетните материи и други загадувачи/контаминенти (физички, хемиски и биолошки) во обработениот тутун и производи на тутун, донесени од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Уставниот суд постапил по иницијатива за оцена на уставноста, поднесена од Кренер Лога.

-Судот утврдил дека согласно член 52 став 1 од Уставот, предвиден е рокот за донесување на правилници. Тој рок, претпоставуваме заради зафатеност, не бил испочитуван од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и тие се причини Правилникот да се поништи. Да констатираме, откупувачите на тутун нема да можат да го стават во промет преработениот тутун без постоење на правилникот кој е поништен. Неажурноста и неодговорноста на министерот Николовски предизвика несогледиви економски штети, велат од СПМ.

Социјалистичката партија на Македонија прашува кој ќе понесе одговорност за економската штета која ќе се предизвика и колку време му е потребно на МЗШВ и на ресорниот министер да реагираат и да се обидат да изнајдат решение за овој проблем?

-Зошто министерот молчи? Не само што е проблем откупот на тутунот, туку министерот се обидува да го скрие проблемот кој допрва ќе го гледаме со веќе откупениот тутун. Социјалистичка партија на Македонија бара веднаш да се превземат дејствија за надминување на настанатата состојба. Доколку ресорниот министер се чуствува неспособен, советуваме да си поднесе оставка или од техничкиот премиер да биде сменет, со оглед на воспоставената пракса на брзи министерски смени, велат од СПМ.