Владата усвои законска реформа со која трајно се решава статусот на професионалните војници по навршувањето на 45 години возраст. Новите законски одредби им нудат три различни можности за избор на припадниците на Армијата. Војниците можат да изберат дали ќе продолжат да работат во Армијата, дали ќе преминат во друга државна институција или пак ќе заминат од службата со парична отпремнина.
Одлуката беше презентирана во Собранието како одговор на пратеничко прашање од пратеникот Жан Дрвошанов, кој побара конкретни детали околу мерките и придобивките за припадниците на армиските редови.
„На седница на Влада ја усвоивме оваа реформа, која многу години, децении, ја бараа професионалните војници. Оваа реформа предвидува нова можност, предвидува секој еден професионален војник кој ќе наврши 45 години да добие уште една можност што следува согласно закон. Зошто оваа рефеорма е посебна? Секој еден војник, кога ќе наврши 45 години, има можност да избере дали сака да земе отпремнина, која отприлика се движи од 30 до 40.000 евра, може да заминат во некоја институција во државата, но и да остане во Армијата“, вели Мисајловски.
Надлежните посочуваат дека голем дел од војниците кои претходно сакале да земат отпремнина и да си заминат, ја промениле одлуката и одбрале да останат на позициите во вооружените сили сѐ до остварувањето право на пензија.
„Мојата порака кон секој еден во Армијата, особено кон професионалните војници е дека секој еден местото е во Армијата. Во минатото немаше доволно можност, не можеа сите да бидат во подрачните единици во Министерството. И натаму ќе можат да бидат во тие подрачни единици, но, со формацијата сега правиме доволно место за секој еден да може да биде вработен на различни позиции, во разните единици. Јас затоа велам оваа реформа е нова можност и секој еден што ќе сака ќе може да ја искористи, Министерството за одбрана ќе биде секогаш тука“, вели Мисајловски.
