Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека е отворен нов шелтер-центар наменет за жртвите на семејно насилство, кој ќе обезбеди сигурност, заштита и можност за нов почеток.
Стан во сопственост на Град Скопје предаден на „Глас против насилство“
Како што соопшти Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи, Град Скопје потпишал договор со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“, претставувана од извршниот директор Елена Димушевска, со што официјално е предаден стан во сопственост на градот.
Со ова, како што наведува, една идеја за поддршка и заштита добива конкретна форма, односно простор кој ќе биде достапен за оние на кои им е најпотребен.
Засолниште, поддршка и нова шанса за жртвите
Според градоначалникот, новиот простор претставува засолниште и надеж за жртвите, место каде што се обезбедуваат услови за згрижување, советување, заштита и поддршка. Тој нагласува дека со ова се зајакнуваат сервисите кои обезбедуваат директна помош на жртвите на семејно насилство.
Од безбедносни причини, локацијата на станот не се објавува јавно.
Дел од поширока стратегија за безбедно и солидарно Скопје
Ѓорѓиевски посочува дека оваа мерка е дел од поширока визија за градење безбедна, солидарна и инклузивна заедница. Паралелно, преку јавен повик за финансирање на здруженија, невладини организации и фондации, обезбедени се средства за поддршка на сервисите – од превенција до директна заштита.
Тој истакнува дека на овој начин се обезбедува континуитет во работата на организациите и се зајакнува соработката меѓу институциите и граѓанскиот сектор.
„Ова е порака дека насилството нема место во ниту еден дом. Дека секој човек заслужува живот без страв, без понижување и без болка. Дека љубовта, почитта и достоинството се темелите врз кои треба да се гради секое семејство“, напиша Ѓорѓиевски.
