На Меѓународниот аеродром Скопје денеска е отворена Гранична меѓуагенциска единица (AIRCOP) со која ќе се зајакнат капацитетите за откривање и пресретнување на патници со висок ризик. Станува збор за формациска структура составена од припадници на Министерството за внатрешни работи и на Царинската управа, како дел од поширокиот проект поддржан од Европската Унија и од Канцеларијата на ОН за борба против трговијата со дрога и криминал, а во насока на градење на уште повисоко ниво на управувањето и работа на граничната контрола на аеродромите.
-Низ призмата на низата регионални и глобални случувања и состојби во изминативе години, кои бездруго наметнуваат нови трендови и стандарди во сите сегменти на безбедносното работење, вклучително и во делот на граничната безбедност и контрола, сега повеќе од било кога станува јасно дека квалитетното менаџирање со системот на интегрирано гранично управување претпочита воспоставување и функционалност на меѓуинституционална соработка и дејствување на сите оние органи и служби задолжени за граничните работи, рече министерот а внатрешни работи Оливер Спасовски.
Првата канцеларија на Граничната меѓуагенциска единица на Меѓународниот аеродром Скопје, како што рече, всушност претставува чекор понапред во операционализацијата на една убава идеја и реална потреба.
-Проект што во рамки на една поширока концепциска замисла, поддржана од Европската Унија и од Канцеларијата на ОН за борба против трговијата со дрога и криминал, има за цел да го подигне на уште повисок степен управувањето и работата на граничната контрола на аеродромите, појасни министерот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во текот на процесот на имплементација на проектот што започна во 2020 година, појасни министерот, досега биле извршени сите потребни безбедносно- аналитички проценки, идентификакција на институционалните овластувања на граничната контрола, потоа потребните описи и еваулации на тековните процедури за контрола на воздушниот товар, но и на технологијата и алатките што во моментот беа достапни за агенциите за спроведување на законот на аеродром. Направени се и низа други опсервации што е во насока на формирање на единица којашто ќе се фокусира на високоризичните патници, а истовремено ќе биде надлежна и за карго-транспортот.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, пак, истакна дека од отворањето на канцеларијата се очекуваат големи резултати.
– Сузбивањето на организираниот криминал, недозволената трговија и тероризмот бара меѓуинстуционална, регионална и поширока соработка. Поддршката од ЕУ и UNODC, не само во креирањето на политики и експертизи, туку и реално на техничко ниво е од големо значење. Верувам дека ќе ја оправдаме довербата. Одговорноста е голема, но и очекувањата од резултатите од оваа Канцеларија се големи, порачала вицепремиерката Грковска, пренесе нејзиниот кабинет.
На настанот присуствуваа и директорката на Царинска управа, Славица Кутиров, директорот на Меѓународниот аеродром ТАВ, Метин Батак како и шефот на регионална канцеларија на УНОДЦ , Бил Вуд