„Ова е геноцид“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски откако се појавија слики од тела на цивили расфрлани по улиците на Буча, северозападно од главниот град Киев.
За време на гостувањето во „Face the Nation“ на CBS News, на прашањето дали Русија врши геноцид во Украина, Зеленски одговори: „Навистина. Ова е геноцид“.
– Елиминација на целиот народ и нација. Ние сме граѓани на Украина. Имаме повеќе од 100 националности. Станува збор за уништување и истребување на сите овие националности. Украина не сака да биде потчинета на политиката на Руската Федерација, рече Зеленски, додавајќи дека тоа е „причината зошто нè уништуваат и истребуваат“.
– Ова се случува во Европа на 21 век. Значи, ова е тортура на целата нација – рече претседателот на Украина.
Потсетуваме дека телата на најмалку 20 цивили биле пронајдени на улиците на Буча по повлекувањето на руските сили од таа област, покажуваат фотографиите кои во саботата ги објави AFP.