Напад со политички мотив и спречена трагедија

По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, полицијата го уапси Владан А. (70) поради вооружениот инцидент што утринава се случи пред Народното собрание на Србија, во кој беше повредено едно лице, а експлозија на плинска боца предизвика пожар.
Обвинителството го товари осомничениот за обид за убиство, а според српскиот претседател Александар Вучиќ, станува збор за „терористички напад“ со политичка позадина.

Главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ објасни дека Владан А. извлекол огнено оружје што го носел неовластено и испукал неколку проектили по вербална расправија поради различни политички ставови.

„Еден од проектилите го погодил друго лице во пределот на бутовите, а другиот погодил блиска плинска боца, што предизвика експлозија и пожар,“ изјави Стефановиќ, додавајќи дека полицијата реагирала навреме и спречила голема трагедија.

Осомничениот бил идентификуван и уапсен во најкраток можен рок, а акцијата ја воделе припадниците на Министерството за внатрешни работи во координација со обвинителството.

Вучиќ: „Ова е ужасен терористички напад“

На прес-конференција во Палатата Србија, претседателот Александар Вучиќ го идентификуваше напаѓачот како Владан Анѓелковиќ, роден 1955 година во Белград, со живеалиште во општина Стари Град.

„Драги граѓани на Србија, денеска пред Домот на Народното собрание, Владан Анѓелковиќ изврши ужасен терористички напад врз други луѓе и туѓ имот и предизвика општа опасност,“ изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека крајната правна квалификација на делото ќе ја даде обвинителството, но според неговите зборови, „нападот бил со јасен и недвосмислен политички мотив“.

„Ова можеше да се случи во Ужице, во Ваљево, во Нови Сад, а најмногу од сè – очекувано, во Ќациленд, против кој беа изговорени толку многу зборови,“ додаде претседателот.

Вучиќ откри и дека осомничениот е пензиониран поранешен припадник на Државна безбедност, кој поседувал пиштол уште од 1993 година, а во 2018 година набавил нов пиштол марка „Мелиор“.

На конференцијата беше прикажано и видео од испрашувањето на уапсеното лице, кое одговара на прашања на полицијата за мотивите на нападот.