Докторот Зекирија Шаини од Слупчане, кој пред неколку дена беше мета на вооружен напад во Куманово, ја отфрли можноста неговата сопруга да има каква било поврзаност со обидот за негово убиство. Во изјава за медиумите тој нагласи дека обидите да се поврзе неговата сопруга со случајот се насочени кон дискредитација на неговото семејство.

„Да се плашев од неа, немаше да живееме заедно. Барам од полицијата да го пронајде вистинскиот човек што пукал во мене,“ изјави Шаини, кој е специјалист по пулмологија и носител на советничка листа на ДУИ во својата општина.

Неговата сопруга, која вчера беше приведена, денеска е пуштена на слобода, откако истражните органи не пронашле доволно докази дека била директно вклучена во нападот.

Сепак, Обвинителството во Куманово доби кривична пријава поднесена од МВР против неа и уште едно лице, поради загрозување на сигурноста и поттикнување за извршување на тоа дело.

„До ОЈО Куманово денеска е доставена кривична пријава за загрозување на сигурноста против едно лице, како и за поттикнување при извршувањето на тоа дело против поранешната сопруга на оштетениот. Пријавата се однесува на претходни испратени заканувачки пораки и закани, додека индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето, сè уште се проверуваат,“ соопштија од Обвинителството.

Според Кривичниот законик, оној што ќе ја загрози сигурноста на друг со сериозна закана по животот или телото, се казнува со парична казна или затвор до шест месеци, а гонењето се презема по приватна тужба. Од Обвинителството додаваат дека конечната правна квалификација ќе биде утврдена по завршување на сите истражни дејствија.

Полицијата сè уште трага по напаѓачот кој пукал во докторот. Според информациите од МВР, осомничениот е 36-годишен маж од Гостивар.

Шаини, кој по нападот се опоравува, изјави дека не се плаши и најави дека вечерва ќе присуствува на митинг на ДУИ во Куманово.

„Ги повикувам сите политичари да не собираат поени на моја мака и да не го претставуваат ова како семејна драма,“ порача тој.