Морбиден испад на социјалните мрежи предизвика осуда од владејачката партија

ВМРО‑ДПМНЕ остро го осуди коментарот на Бранко Тричковски, кој партијата го опиша како „срамна и морбидна објава“ поврзана со настанот со лажната дојава за бомба во центарот на Скопје.
На денешната прес‑конференција, владејачката партија истакна дека наведената порака не е акт на поединец, туку дел од „системски очај“ на опозициската СДСМ.

„Повод за овој прес е срамната и морбидна објава на социјалните мрежи од Бранко Тричковски, долгогодишен пропагандист и медиумски гласноговорник на СДСМ, кој во врска со настанот со лажната дојава за бомба во центарот на Скопје, пишува – цитираме: ‘Најголем предизборен штос би направиле кога во куферот би го напикале распарчaното тело на Христијан!’“

Партијата побара одговорност и јавно оградување од СДСМ. Од ВМРО‑ДПМНЕ порачаа дека молкот од опозициската партија би бил „признавање“ и индикатор за поддршка на таквата реторика.

„Повикуваме надлежните органи да проверат дали Тричковски има формални поврзаности со политички структури,“ рече еден од говорниците на прес‑конференцијата.

Речникот на омразата како стратегија, велат од ВМРО‑ДПМНЕ

Во соопштението беше истакнато дека јавните повици за насилство се дел од „стратегија на една потоната партија“ и дека медиумите кои ги пренесуваат таквите пораки се соучесници во ширењето омраза.

„Кога мегaфоните на СДСМ повикуваат на распарчување на премиерот, тоа не е хумор – тоа е црна пропаганда насочена кон создавање страв, поделби и дестабилизација во изборен период,“ се наведува во соопштението.

ВМРО‑ДПМНЕ порача дека ќе ја брани државата и демократијата од секој обид за насилство, без оглед од каде доаѓа.

„Политиката не смее да биде поле за омраза, туку натпревар во идеи и визии. Македонија нема да дозволи омразата да стане кампања,“ гласи завршната порака од партиското соопштение.