Фокус на развој, образование, здравство и животна средина во секоја општина

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ја формализираше коалицијата „Твоја Македонија“ која ќе настапи на претстојните локални избори. Коалицијата ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и во неа се вклучени 25 партии со различна политичка ориентација, кои заедно го отсликуваат колоритот на македонското општество.

– „Овие локални избори се важни за нас и иднината на државата. Локалните самоуправи директно ги решаваат проблемите на граѓаните, а ние покажавме дека умееме да ги водиме општините без ниту еден скандал и со многу работа“, изјави Мицкоски.

Лидерите на коалицијата усвоија декларација за Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина. Мицкоски истакна дека коалицијата ќе вложува во инфраструктура, патишта, мостови, водоводи, канализации, училишта, спортски сали и културни домови. Дополнително, ќе се залага за создавање нови работни места, зајакнување на економската сигурност и подобрување на примарната здравствена заштита, особено во руралните средини.

Образованието ќе биде клучен инструмент за изградба на генерации кои ќе ја носат Македонија напред, а младите ќе добијат можности за спорт, култура и пристојни услови за вработување. Во коалицијата особено се фокусираат на чист воздух, управување со отпадот, користење на обновливи извори на енергија и заштита на природата, со цел поквалитетен живот на граѓаните.

– „Со верба во својата држава и во својот народ, со љубов кон местото каде што живееме и со доверба во заедничката иднина, ние ја потврдуваме нашата решеност да ја изградиме Македонија како просперитетна, праведна и модерна држава. Заедно ќе го направиме вистинскиот избор за доброто на сите граѓани. Ова се избори за тоа каква иднина ќе имаме!“, рече Мицкоски.

Премиерот Мицкоски, во врска со актуелните случувања на депониите Вардариште и Дрисла, додаде:

– „Тоа што со децении не е санирано, тоа за што никој со децении не водел сметка, ние ќе го решиме за неколку денови, за недела дена ќе го разрешиме. Сочувствувам со секој граѓанин кој е загрижен од сето ова, но чудно е што во одредени претпријатија каде свој кадар има ДУИ се случуваат вакви работи. Чудно е, но ние тоа ќе го истражиме. Ќе го истражиме и ќе обезбедиме соодветни докази – како може пожар кој беше речиси смирен и ставен под контрола наеднаш така да се распламти.“

Тој истакна дека Владата и надлежните институции веќе преземаат мерки:

– „За Вардариште имаме осомничени лица, кои се приведени и за кои се покажа дека ја користеле илегалната депонија да произведуваат метали за подоцна нелегално да ги продаваат. Таму од вчера има приватно обезбедување ангажирана од неколку општини, обезбедивме градежна механизација и Вардариште е обезбедено. Останува Дрисла, која беше санирана вчера, но од некои чудни причини пред крајот на ноќта повторно се распламна, и денеска таму ќе се позанимава МВР. На линија сме со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и очекувам проблемот да биде саниран.“

Во одговор на новинарско прашање, каква кампања очекува од партиите за локалните избори, Мицкоски рече:

– „Очекувам кампања во којашто ќе изобилуваат шпекулации, конструкции, подметнувања, невистини од страна на опозицијата и малкумината поддржувачи на опозицијата. Ние како коалиција имаме со што да излеземе пред граѓаните – ќе ги презентираме резултатите од изминатите четири години во општините и изминатите 15 месеци како централна власт. Ќе направиме разлика помеѓу тие седум години, кога ДУИ и СДСМ беа во Владата, и овие четири години кога оваа коалиција управува со најголемиот дел од општините и Владата во Македонија.“