Во Платежната агенција до денеска се пристигнати над 2.300 барања за дополнителни субвенции за набавка на вештачко ѓубриво и тие оваа недела ќе бидат исплатени зашто нашата цел е земјоделците редовно, на неделна основа, да имаат дополнителни приходи кои се неопходни во време на раст на трошоците, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по средбите со земјоделците од битолскиот дел на Пелагонија, каде ги презентира мерките и политиките за поддршка.
Оваа недела, додаде Николовски, во владина процедура влегува и новиот јавен оглас за доделување околу 4.400 хектари земјоделско земјиште – до три хектари во сите региони низ државата.
-Наша цел е што поголем број земјоделци да аплицираат на објавените повици, а информациите од терен потврдуваат дека интересот е голем и тоа е резултат на заедничката соработка со земјоделците, бизнис секторот, науката и останатите партнери со кои го креиравме националниот план за производство на храна. Ги повикувам земјоделците да ги следат сите информации, а и ние директно на терен ги доближуваме до нив за да ги користат сите инструменти што ги нудиме. Мај го нарековме месец на земјоделството и затоа сме на терен со земјоделците, а не во канцеларија, истакна министерот.
Според Николовски, кампањата овозможува директно запознавање на земјоделците, фармерите и сточарите со мерките кои се дел од Националниот план за производство на храна.
Тој дополни дека Министерството нуди помош за набавка на вештачко ѓубриво и земјоделците ги мотивира да го зголемат приносот.
Министерството за земјоделство во моментов има јавни повици за повеќе мерки од програмите за рурален развој кои се отворени до 20 мај.