Спорните измени на Кривичниот законик со кои се овозможи заштита од прогон на сите лица чии судски процеси се неправосилни, а се опфатени од кривичните дела злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и злоупотреба при јавни набавки, биле подготвени во Владата. Ова го кажа заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ во изјава за ИРЛ појаснувајќи дека измените се креирани од владините коалициски партнери, СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, а по нејзин налог технички ги искуцала дактилографката од нејзиниот кабинет.

ИРЛ ги контактирала  трите коалициски партнери од власта кои ги посочи заменик-министерката за правда, а испративме и прашања и до Владата.

Наспроти тврдењето на Викторија Аврамовска Мадиќ кадар на СДСМ, дека интервенцијата во членовите 353 и 394 од Кривичниот Законик е партиски коалициски договор, од СДСМ ни одговорија дека измените биле подготвени од Министерството за правда, а улогата на политичките партии можела да се види само во делот на собраниската процедура.

„Пратениците од различни парламентарни партии, од власта и од опозицијата, присуствуваа на закажаната седница на Собранието на којашто се утврди и дневниот ред. Пратеници од различни политички партии, од власта и опозиција, присуствуваа на Комисијата за европски прашања и согласно процедурите потоа предложените измени беа поддржани од мнозинството пратеници на пленарна седница“, велат од СДСМ.

Од Алијанса за Албанците останаа на ставот дека не дале поддршка за измените во Кривичниот законик, ниту пак дека учествувале во осмислувањето на истите.

„Таа [заменик-министерката] сега сака да се извади, па затоа го кажува ова“, рекоа од Алијанса за Албанците во изјава за ИРЛ.

Од поголемиот коалициски партнер во Владата, Демократската унија за интеграција (ДУИ), не одговорија на прашањата од ИРЛ, ниту на нашите телефонски повици. Одговори не добивме ниту од Владата за да појаснат како коалициските партнери се договориле, кој во Владата ги напишал измените со кои се спасија голем дел од обвинетите во случаите на расформираното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) уште од септември преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер бара од Министерството за правда увид во документација за измените на Кривичниот законик за период од мај до септември годинава. По цели три месеци преписки со Министерството за правда, увидот на новинарите од ИРЛ им беше овозможен дури на 11 декември.

Во документацијата која ни беше приложена на увид не беа содржани спорните измени на членовите 353 и 394 од Кривичниот законик. Од вкупно четири папки, само една се однесуваше на измените кои се донесоа во септември. На дополнително прашање каде може да се видат документите за подготовка на овие измени заменик – министерката, Викторија Аврамовска Мадиќ рече нема да каже кој точно ги напишал тие измени, но дека може да ја цитираме дека тие се креирани во Владата.

„А што ве интересира точно вас? Кој ги напиша? Еве јас ќе ви кажам дека измените се подготвија во Влада од страна на трите коалициски партнери СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Ние како министерство сме предлагач на законот, а ако ве интересира кој ги искуца измените – еве ќе ви кажам дактилографката од мојот кабинет по мој налог“, рече Аврамовска Мадиќ, за ИРЛ. 

Увидот во документите кои ги побаравме го извршивме дури по три месеци и во тој период додека чекавме со донесените спорни членови од Кривичен законик застареа случаите „Титаник“ каде обвинети беа поранешниот премиер во бегство Никола Груевски и генералниот секретар на владата Кирил Божиновски, „Моќник“ каде меѓу обвинетите беше и Антонијо Милошоски, случајот „Траекторија“ кој се однесуваше за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид и случајот „Дизајн“ во кој поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески призна вина, а пратеникот Игор Јанушев од ВМРО – ДПМНЕ кој во тоа време беше директор на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) иако осуден на две години условна казна се спаси од извршување на пресудата бидејќи таа не беше правосилна, пишуваат од ИРЛ.

Хронологија на нетранспарентноста

ИРЛ до Министерството за правда испрати вкупно две барања за увид во документацијата за измените на Kривичниот законик.

Првото барање за увид, испратено уште во септември, беше одобрено од страна на Министерството за правда, а задолжениот службеник за слободен пристап до информации од јавен карактер по електронски пат не информираше дека за точниот датум на увидот дополнително ќе бидеме известени.

Следуваа низа преписки меѓу новинарите на ИРЛ и Министерството за правда со цел да се договориме за датумот за увид, но оттаму постојано се испраќаа нови изговори зошто тој увид не може да се реализира. Првичните образложенија беа дека во тој период од работа отсуствуваат вработени од министерството кои треба да бидат присутни на увидот, за подоцна на 25 октомври 2023 година, да ни биде кажано дека се чека одобрение да даде заменик – министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ. И додека траеја овие преписки, со кои од Министерството за правда не уверуваа дека увидот ќе се случи беше пробиен и рокот со кој ИРЛ би можел да се жали на непостапување по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Откако нашата жалба беше одбиена, ИРЛ се одлучи да искористи друга можност од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и преку друг новинар побара уште еден увид во истата документација.

Целиот текст може да го прочитате на ИРЛ