Јавниот долг опаѓа – економски сигнал за стабилност и развој

Јавниот долг на Република Македонија е намален на 57,7% од БДП, додека државниот долг изнесува 50,1%, што претставува најниско ниво во изминатите пет години, објави премиерот Христијан Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук. Според официјалните податоци, оваа состојба е регистрирана до 31 март 2025 година, односно во првиот квартал од тековната година.

Раст на БДП од 3,2%, рекордни странски инвестиции и намален јавен долг – економијата заздравува, вели Мицкоски

Намалување споредено со 2020 година

Во својата објава, премиерот истакна дека споредено со 2020 година:

Јавниот долг е намален за 2 процентни поени

Државниот долг е намален за 0,7 процентни поени

Овие резултати, како што нагласи тој, се директен производ на одговорни, дисциплинирани и развојно ориентирани економски политики.

Од стабилизација кон развој

Премиерот потенцираше дека по првата фаза на економско стабилизирање и стопирање на „слободното паѓање“ што траеше седум години, Македонија сега влегува во фаза на економски раст и реализација на стратешките цели.

„Продолжуваме со дисциплинирани и развојни економски политики. Горда Македонија е богата Македонија! Македонија станува повторно твоја!“, порача Мицкоски.

Овој тренд на намалување на јавниот долг претставува значаен сигнал за економската стабилност и отвора простор за идни инвестиции, подобрување на јавните услуги и долгорочен развој на државата.

Извор: Република