Најголем дел од веб страниците попладнево не работат. Корисниците кои се обидуваат да пристапат до услуги поврзани со „Cloudflare“ имаат проблеми со тоа.
Корисниците на платформата „X“ беа најпогодени, но исто така и „ChatGPT“ и други услуги, а проблемите ги забележаа корисниците на бројни веб-страници во Македонија.
Проблемите со работењето на веб-страниците започнаа кратко пред 13 часот и главно се однесуваат на оние страници што користат автентикација.
„Cloudflare“, давател на интернет инфраструктура, испорачува клучни технологии што напојуваат многу онлајн услуги, вклучувајќи алатки за заштита на веб-страниците од сајбер напади и одржување на операциите за време на периоди на голем интернет сообраќај.
„Cloudflare“ издаде соопштение: „’Cloudflare’ е свесен за проблемот што потенцијално влијае на повеќе корисници и го истражува. Повеќе детали ќе бидат објавени кога ќе бидат достапни повеќе информации“.
Сличен проблем на интернет се појави пред нешто помалку од еден месец, кога големите глобални веб-страници и апликации престанаа да работат по колапсот на „AWS“ (Amazon Web Services).
Недолго потоа, друг давател на интернет услуги, „Microsoft Azure“, имаше проблеми.
