Францускиот премиер Франсоа Бајру ја изгуби поддршката во парламентот, по гласањето во Националното собрание со кое неговата влада беше соборена. „За“ изгласале 364 пратеници, додека 194 биле против.
Премиерот најави дека утре ќе ја предаде оставката на претседателот Емануел Макрон. Сè до назначувањето на негов наследник, Бајру се очекува да ја извршува функцијата во технички капацитет.
Ситуацијата го става Макрон пред повеќе можни потези: избор на нов премиер, распишување парламентарни избори или отворање пат за претседателски избори. Најризична опција, според аналитичарите, би било организирање на нови избори за парламент, бидејќи тие би можеле дополнително да ја засилат позицијата на крајната десница на Марин Ле Пен.
Политичката неизвесност се случува во период кога Франција се соочува со сериозни економски предизвици. Јавниот долг надмина 113 отсто од БДП, додека буџетскиот дефицит останува висок, што дополнително ја усложнува кризата.