Падна кран над објект во стaрата касарна во Битола, објавија повеќе медиуми. Кранот, како што пишуваат, е срушен врз објектот во градба.
Во СВР Битола е пријавено дека има повредени лица, a од Битолската болница велат дека нема пријавено повредни.
Настанот се случил околу 14 часот, СВР Битола потврди дека паднал кран, но се чекаат подетални информации.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и неговиот заменик Бојан Бојковски ја посетија локацијата каде попладнево падна кран.
Според Коњановски најважно е што нема повредено лице од падот на кранот во објектот што е во изградба.
– При изградба на голем трговски објект Мол во кругот на поранешната касарна АРМ, се случила техничка несреќа, уривање на кран кој паднал при носење на товар, односно изведување на градежни работи. Според првичните информации од увидот на лице место, за среќа според официјалните податоци што ги добивме од ЈЗУ Клиничка болница и ЈЗУ Здравствен дом-Битола, како и Службата за итна медицинска помош, не се пријавени повредени лица, нити се донесени за лекарска помош. На лице место се сите надлежни инспекторати, тука е и овластениот општински градежен инспектор, градежната инспекција, трудовата инспекција, но и претставници на Јавното Обвинителство и Крим техника, односно сите надлежни институции што треба да ги утврдат причините за падот на кранот, изјави Коњановски.
Градоначалникот Тони Коњановски нагласи дека веднаш по добивањето на информацијата, стигнал лично да се информира за настаниот проблем.
– Излегов на терен за лично да се уверам во информациите за кои претходно бев известен затоа што битолската касарна е големо и значајно градилиште во овој дел на градот.
Како што претходно објави МИА, падот на кранот се случил околу 14:30 часот, а за настанот известување до СВР Битола испратиле граѓани кои го забележале настаниот проблем.
Извор: Миа