Поради проблеми со платформата за онлајн настава дел од учениците во основните училишта денес не успеаја да се вклучат и да ги одржат часовите. Дојавите за бомби ги принудија наставниците и учениците да се префрлат на Тимс ама ни таму немаше настава, па наставниците се снаоѓаа преку Вибер. Од Министерството за образование и наука (МОН) за МКД.мк велата дека добиле известувања од неколку училишта дека имало прекин во функционирањето на платформата, но додаваат дека Тимсот функционира.
Родители и наставници од неколку основни училишта се пожалија дека денес не фунционира онлајн наставата. Дојавите за бомби направија хаос во образованието, но и во секојдневието на родителите. Оние со помали деца во училиште мораат да излезат од работа за да ги земат децата од училиште, а тоа не е само еден ден туку во последно време стана секојдневие.
Згора на тоа, нервоза им направи и денешниот проблем и неможноста да се вклучат на настава од далечина.
„Тимс апликацијата функционира и секој ученик со своето корисничко име и лозинка може да пристапи и да го користи профилот за вклучување во онлајн настава доколку во училиштето каде учи имало заканувачки дојави и од страна на наставниците е дадена таква насока. Добивме известувања од неколку училишта дека утрово имало прекин во функционирањето, односно користењето на Тимс, но по кратко време учениците се приклучиле со своите кориснички сметки“, стои во одговорот од МОН испратен до МКД.мк.
Министерството за образование и наука во допис до сите основни и средни училишта на 23 февруари препорача во деновите кога училиштата ќе добијат дојава за наводно поставена бомба да организираат онлајн настава.
Од МОН пред неколку дена соопштија дека веќе нема да дозволат тој ден наставата воопшто да не се одржува и дека ќе се оди на онлајн.
Закана за поставена бомба утрово добија неколку училишта во Скопје. До сега сите дојави за поставени бомби беа лажни.