ПАДНА ВТОРОТО ОБВИНЕНИЕ ЗА „ПУЛС“
Основниот кривичен суд – Скопје соопшти дека во целост е одобрено второто обвинение за трагедијата во кочанското кабаре „Пулс“, во кое обвинет е Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.
„Обвинителниот акт беше поднесен на 4 септември од страна на обвинителниот тим кој постапува по истрагата за пожарот, а се однесува против едно лице, А.Н., кој се јавува како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШН увоз-извоз ДООЕЛ Скопје,“ стои во соопштението на судот.
Предметот ќе го суди судијката Биљана Смаќовска, а терминот за почеток на постапката сѐ уште не е утврден.
Според обвинението, сопственикот на агенцијата немал склучен договор за обезбедување на дискотеката „Пулс“. По завршената истрага, Обвинителството тврдеше дека Нацев по катастрофалната несреќа им давал инструкции на обезбедувачите кои биле на работа во ноќта на пожарот, при што еден од нив немал лиценца за обезбедување.
Нацев се товари за „тешки дела против општата сигурност“, а предметот се очекува да биде споен со главниот процес против останатите 34 лица и три фирми, што треба формално да го побара Јавното обвинителство пред почетокот на судењето.
Во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) сѐ уште трае истрагата против над 20 полициски службеници и началници, кои исто така се товарат за истото кривично дело. Дел од нив се веќе под судски мерки.