Опфатени повеќе лица во истрага за ботокс и филери без дозвола
Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност попладнево спроведе координирана акција на повеќе локации низ државата, насочена кон истрага за нелегални медицински третмани и дистрибуција на нерегистрирани препарати.
Според неофицијални информации, акцијата е дел од поширока истрага за мрежа која функционирала во областа на естетската медицина.
Во случајот, според сознанија до кои дојде КУРИР, опфатени се повеќе лица, меѓу кои и доктори:
Наташа К. – дерматолог, Арбен К. – дерматолог, Дејан Ф., Магдалена И.В. – доктор и Андреа Т. – АС ЕСТЕТИК од Битола.
Сомнежи за нелегален увоз на фалсификувани препарати
Се сомнева дека групата била поврзана со нелегален увоз и дистрибуција на фалсификувани ботокси, филери и други медицински препарати.
Според информациите, производите биле внесувани преку нелегални канали од повеќе држави, меѓу кои Кина, Турција и Србија.
„Производите немале соодветна контрола, дозволи ниту регистрација, а потоа биле пласирани на пазарот“, наведуваат изворите.
Ризици по здравјето и продолжување на истрагата
Станува збор за препарати кои биле користени како дел од естетски третмани, но наместо подобрување на изгледот, можеле да предизвикаат сериозни последици. Меѓу нив се инфекции, деформитети, трајни оштетувања, па дури и ризик по животот на пациентите.
Надлежните институции најавуваат дека истрагата продолжува, со цел целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорност.
