Акциите на банките во светот паднаа и покрај уверувањата на американскиот претседател Џо Бајден дека американскиот финансиски систем е безбеден по колапсот на две американски банки, јави Би-Би-Си.

Акциите паднаа откако властите презедоа мерки за заштита на депозитите на клиентите во Банката на Силиконската долина (СВБ) и Сигничер банката (СБ), се вели во синоќа објавениот извештај.

Бајден вети дека ќе стори „се што е потребно“ за да го заштити банкарскиот систем. Тој вчера им порача на Американците дека финансискиот систем на земјата е стабилен.

Ненадејниот банкрот на двете банки ги зголеми стравувањата од поголема криза. Инвеститорите стравуваат дека другите банки би можеле да бидат погодени од последиците, а акциите на глобално ниво забележаа остар пад.

Во петокот, американското регулаторно тело ја затвори СВБ, специјализирана за кредитирање на технолошки компании. Тоа е најголемиот колапс на американска банка од финансиската криза во 2008 година.

Во неделата властите ја презедоа СБ во Њујорк, која имаше многу клиенти вклучени во криптовалути.