Поделени над 50 пакети за сограѓаните од исламска вероисповед

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по повод Рамазан Бајрам учествуваше во хуманитарна акција за доделување пакети со прехранбени производи на сограѓани од исламска вероисповед. Во активноста беше вклучен и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

„Денес, во духот на големиот празник Рамазан Бајрам, поделивме повеќе од 50 пакети со прехранбени производи со нашите сограѓани од исламска вероисповед, заедно со заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски“

Тој нагласи дека празникот носи силна порака за заедништво, хуманост и духовна исполнетост, при што истакна дека ваквите денови потсетуваат на вредностите што ги обединуваат луѓето.

„Овој ден е симбол на радост, духовна исполнетост и потсетник дека најголемата вредност што ја носиме во себе е човечката хуманост и солидарност“

Пораки за хуманост и заедништво

Ѓорѓиевски посочи дека подавањето рака и споделувањето се основа за градење силна заедница, особено во периоди кога солидарноста има дополнително значење.

„Од брат за брат, од човек на човек – таму се раѓа вистинската сила на заедништвото. Да се дарува е благодет, чин што нѐ возвишува и нѐ прави подобри“

Тој додаде дека вредностите на добрината и милосрдието се универзални и присутни во различни верски учења, нагласувајќи дека тие придонесуваат за подобро и поисполнето општество.

„Тоа е пораката што ја носат и Куранот и Библијата – дека преку добрината и милосрдието стануваме посреќни и поисполнети луѓе“

Во своето обраќање, градоначалникот истакна дека хуманоста останува присутна и во предизвикувачки времиња, при што изрази почит кон сите кои помагаат кога е најпотребно.

„Горд сум што хуманоста, како највисока човечка одлика, живее меѓу нас, дури и во времиња кои се предизвикувачки за нашата земја и за секој нејзин граѓанин. Постојат луѓе кои знаат да споделуваат, кои ја подаваат раката кога е најпотребно и тие луѓе ја имаат мојата најдлабока почит“

Честитка и порака за соживот

Ѓорѓиевски упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед, посакувајќи им празник исполнет со мир, здравје и радост, опкружени со најблиските.

„Почитувани, дозволете ми искрено да ви го честитам Рамазан Бајрам и да ви посакам празникот да го поминете во духовен мир, радост и добро здравје, опкружени со вашите најблиски“

Тој се заблагодари за придонесот во градењето на соживотот и повика на единство и меѓусебна поддршка.

„Ви благодарам за вашиот придонес во градењето и негувањето на соживотот во нашето Скопје – вредност што нѐ прави посилни и пообединети. Да останеме сплотени, да си подадеме рака секогаш кога е потребно и да не дозволиме поделбите да нѐ оттурнат едни од други. Затоа што токму заедништвото е нашата најголема сила. Нека верата во Бога и вистинските вредности нѐ водат по патот на добрината, а мирот, радоста и човечноста нека бидат нашата секојдневна водилка. Да сте здрави и живи, честит Рамазан Бајрам!“