Судењето за убиствата на Вања и Панче продолжи со вкрстени прашања
Судењето за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес продолжи со вкрстените прашања од страна на Обвинителството упатени кон обвинетиот во процесот Љупчо Палевски.
Обвинителките наведоа неколку податоци и сторени кривични дела, од, како што посочија, казнената евиденција на Палевски. Според Обвинителството, Палевски бил осудуван повеќе пати во период од 20 години, што, според нив, укажува дека има проблем со почитување на законите. Но, Палевски и Одбраната ги оспоруваат доказите
Палевски и Одбраната ги оспоруваат доказите: Недостиг на докази и пропусти во истрагата
Љупчо Палевски одговори дека мотивот според обвинението е нелогичен
„Вашиот мотив во обвинението е нелогичен. Според логиката, доколку е користољубие, ќе имаше засолниште за детето, а не класично убиство. Ќе имаше контакт со мајката или таткото за да се направи таа уцена, да се принуди некој да даде пари. Не само што не се случило, туку не понудивте ниту еден доказ на таа многу важна околност – мотив за што е сторено делото“, изјави Палевски.
Одбраната на Љупчо Палевски остана на ставот дека Обвинителството нема доволно докази против нивниот клиент и останатите обвинети за грозоморните убиства.
Адвокатот Јовица Страшевски изјави:
„Нејасно ми е зошто Обвинителството, наместо да ги нападне обвинетите со конкретни докази, тие само прочитаа наслови. Како што почна постапката, така и заврши, со прашања на луѓе кои ги теретиш за убиство – прашања малтене да помогнеш на луѓето.“
Страшевски додаде дека цело време барале да се изврши вештачење на чаурата.
„Во цел свет мислам дека нема обвинет за убиство да бара да се вештачи чаурата, а чаурата ќе повторам, е вештачена единствено за да се утврди од кој калибар е и од кое оружје може да се испука. Тоа е срамно за вакво грозоморно убиство“, нагласи адвокатот.
Одбраната на Видевски: Потребна е реконструкција
Одбраната на Боре Видевски смета дека е потребна реконструкција на целиот случај. Според адвокатот Бојан Манев, од самата постапка произлегува потребата за реконструкција.
Манев нагласи дека има најмалку десетина празнини во доказите кои налагаат потреба за реконструкција.
„Проблемот околу оружјето, проблемот околу снимките. Неколку лица кои се појавуваат во исказите на обвинетите, а притоа не се сослушани, а произлегува дека се дел од предметот. Најголемата потреба можеби е тоа што никаде од исказите на ниту еден од обвинетите не произлезе поврзаноста со таткото. Мислам дека е неминовна потребата од реконструкција“, изјави Манев.
Судот донесе одлуки за нови докази и следното рочиште
Судот прифати да се прибави снимката од банката каде бил Љупчо Палевски на 27 ноември 2023 година, во период од 9 до 12 часот.
Барањето за повикување сведоци, односно вештаци кои ја вештачеле чаурата не е прифатено. Барањето не било доставено навремено согласно Законот за кривична постапка (ЗКП).
Следното рочиште за судењето за убиствата на Вања и Панче е закажано за средината на следниот месец, кога ќе продолжи дополнувањето на доказната постапка.