Меѓународниот ден на жената како поттик за почитување
Италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери денеска порача дека, можеби повеќе од Меѓународниот ден за правата на жените, ни е потребен ден посветен на тоа мажите да научат како да ги почитуваат жените. Тој ја отвори тркалезната маса на тема „Зајакнување на женското лидерство во општеството, економијата, ИКТ и културата“, која ја организираше Италијанската амбасада во Скопје.
Палминтери истакна дека целта на настанот е да се промовира женското лидерство и да се истакне придонесот на силните жени кои секојдневно придонесуваат во професионалниот и општествениот живот.
Тој се осврна и на трагичниот случај од пред неколку дена – смртта на Ивана и нејзината ќерка Кате. Според претседателката Гордана Сиљановска Давкова, станува збор за системска грешка. Палминтери потенцираше дека тоа не треба да го сопре одбележувањето на Меѓународниот ден на жената. Напротив, според него, настанот е повод појасно да се зборува за насилство врз жените и за еднаквите можности помеѓу мажите и жените.
Говорејќи за предрасудите со кои се соочуваат жените, амбасадорот рече дека тие сè уште се бројни. Воспитувањето и културата на почитување, додаде тој, треба да бидат важен дел од општествените вредности.
