Пристигнаа информации дека Панчо од ДНК (Владимир Блажев), еден од членовите на дуото ДНК чиј концерт беше место на катастрофалниот пожар во Диско клубот Пулс во Кочани, е хоспитализиран на Одделот за пластична хирургија во Клиничкиот центар во Скопје. Тој е на кислородна поддршка поради изгореници на лицето и раката, но е надвор од животна опасност. Неговата сестра, Јадранка Николовска, преку солзи ја сподели веста, изразувајќи загриженост за останатите членови на бендот, чија судбина сè уште не е позната.
Здравствената состојба на Панчо од ДНК
Според официјалните списоци објавени во јавноста, Панчо е примен во Клиничкиот центар во Скопје, каде е под медицинска нега. Тимот на ДНК потврди дека чекаат дополнителни информации за здравствената состојба на другите членови, вклучувајќи го Андреј и останатите музичари.
Јадранка Николовска, сестрата на Панчо, даде емотивна изјава за порталот „Сакам да кажам“.
„Засега знам дека мојот брат е надвор од животна опасност, има изгореници на лицето и раката и добива кислородна поддршка во Клиничкиот центар во Скопје. Уште немам информации каде се Андреј и другите членови на бендот. Немам сила да зборувам повеѐ за ова“, изјави таа низ солзи.
Иако Панчо е стабилен, неизвесноста околу другите членови на ДНК останува, што дополнително ја отежнува ситуацијата за семејствата и фановите.