„Последниве десетина дена дискутираме за кадрите на новата европска коалиција од ул. „Бриселска“ создадена исклучиво за спас на Владата предводена од ДУИ и премиерот во сенка Артан Груби“, истакна Ели Панова, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.

„Не случајно моето обраќање го започнав со почитуван претседател бидејќи ја ценам и ја почитувам функцијата претседател на Владата. Претседател на Влада треба да означува достоинство, лидерство, мудрост, способност, особено во една земја која се стреми за развој, за подобро образование, за подобро здравство, стандард, со еден збор за подобар живот на граѓаните. Можев да Ве наречам и фотоволтажер, со Вашите зборови можев да Ве наречам и ружен, на ист начин како што Вие ја нарековте мојата колешка Бети. Можев да Ве наречам недоветен, корумпиран, безобразен, читач на книги во тек на собраниска седница. Или еве по најново инфлуенсер бидејќи трошите 26.000 евра за 100 дена спонзорирани постови. Но, јас Ви се обратив со почитуван, бидејќи денес лично ќе Ви се обратам Вам и сакам да го задржам дигнитетот на ова Собрание“, рече Панова.

Пратеничката додаде дека Ковачевски во своето обраќање ниту еден збор не кажа за министрите кои станаа вчера министри.

„Почитуван, Вашите говори прочитани од оваа говорница сите до еден наликуваа на детски расказ со тема – Како го поминав летниот распуст. Во нив се жалевте дека не ви дозволуваме да ископате поголема дупка во песокот односно се жалевте како не ви дозволуваме да бидете успешен, како ние сме наметнувале хаос, проблеми, црнила. Но, не слушнавме ниту еден збор за ресорите правда, здравство, информатичко општество и администрација, за животна средина“, истакна таа.

Панова укажа дека оваа реконструкција на Влада ја направи ДУИ со цел да уништат уште една опозициска партија од албанскиот блок чиј што рејтинг ќе се стопи како коцка мраз на 50 степени. Со влезот на Алијанса на Албанците во владата се заштити Артан Груби.