Пановски смета дека на време не се презеле превентивни мерки на заштита, а сега е предоцна да се сопре ширењето на вирусот, особено на делта сојот кој е позаразен.
Да 1.500 ако продолжи вака да се удвојува, не знам зошто не би се удвојувал бидејќи нема некои рестрикции, луѓето се заедно, особено младите и ќе почнат и внатре да се собираат особено понатаму. Сега исто се собираа внатре поради многу топлото време. За жал кога беше идеална состојбата не се донесоа елементарни мерки за заштита од ширење на дeлта сојот и воопшто и на алфа сојот кои немаше да не чинат многу. Единствено не требаше да се дозволат собирања во затворен простор и да се направи каква таква контрола на границите. Сега е време на пожари, кога се проширил пожарот што треба да се прави не знам. Треба да објаснат зошто не направија тоа пред да се прошири ќе се забавеше ширењето, влегуваат иселениците и други туристи одеа на свадби – вели д-р Никола Пановски за Телма.
Бројките на Министерството за здравство покажуваат дека на 5 јули имавме само 5, а денеска дури 325 новозаразени со Ковид 19. Бројот на активни се искачи на 1.268, а само пред една недела, во минатиот петок имало 456 случаи. Додека тој на новозаразени е зголемен над четири пати, во минатиот петок имало само 74, а денеска 325 нови позитивни. Имаме и вкупно 11 починати лица. Најкритични се Скопје и Тетово. И додека состојбата во Тетовската болница е алармантна -директорот дал наредба медицинскиот кадар во ковид центарот да ги прекине годишните одмори -во Скопје состојбата е стабилна. На Инфективната клиника има 20 хоспитализирани, а во Воена болница нема хоспитализирани со ковид.
И покрај апелите на стручната јавност, сепак Комисијата за заразни болести не планира вонредно да се состане.
Од Министерството за здравство го повторија она што го кажа и Филипче. Дека ќе има засилување на рестрикциите доколку продолжи да се зголемува бројот на новозаразени. Мерките ќе се однесуваат само на невакцинираните лица.