Ако дозволија свадби во затворено, големи прослави и забави по разни угостителски објекти и со тоа предизвикаа катастрофа во државата, тогаш можам да кажам дека ризикот од ширењето на ковид-19 во школите не е така голем како што беше голем ризикот што не го пресметаа надлежните од големите ‘собиранки’ и веселби, чии последици веќе ги чувствува цела држава и особено здравствениот систем. Катастрофа е и за децата да не учат две години, но мерки кога се носат треба добро да бидат осмислени и добро да се спроведуваат“, вели професорот Никола Пановски во изјава за МКД.мк како коментар на одлуката на Владата која веројатно денеска ќе биде донесена, учебната година од 1 септември да започне со физичко присуство.

На прашањето како ќе биде можно да се организира настава со физичко присуство кога 40 отсто од наставниците не се вакцинирани, а процентот на деца над 12 години кои се имунизирани против коронвирусот е занемарлив, Пановски вели:

„Ако ме прашувате за здравјето на децата, тие генерално лесно ја поминуваат оваа болест, особено децата под 15 години, но ќе биде проблем за нив ако според протоколите, цело време треба да носат маски на училиште. Но, главниот проблем ќе биде ако болеста учениците ја пренесат дома, кај возрасните, на татко – мајка, дедо – баба. Болеста секако, можат да им ја пренесат на невакцинираните наставници. Сепак, сметам дека училиштата нема да бидат така силна ‘бомба’ како што тоа беше случај со свадбите и веселбите”, вели микробиологот Пановски.

Тој особено нагласува дека штетата предизвикана со дозволата да се организираат големи свадби и прослави е непоправлива.

„Како да беше направена специјална пропусница за влез на делта сојот во Македонија. Да дозволите такви масовни собирања заедно со доаѓањето на иселениците, во време кога овој многу позаразен сој на вирусот се шири низ Европа, е како да сте подготвиле вирусна бомба која експлодира на илјадници парчиња на широк простор”, вели Пановски.

Тој вели дека ќе беше сосема друга ситуацијата летово да имавме порестриктивни мерки и со тоа заразата да се држи на ниво од 10 пати пониски бројки од сегашниве, дека тогаш ризикот од отворањето на училиштата ќе беше помал.

„Септември е критичен месец, речиси сите ќе бидат вратени од годишните одмори, еден број од нив ќе го внесат вирусот. Во овој месец и времето ќе биде постудено, па доаѓа месец октомври и влегуваме во неповолен период од епидемиолошка гледна точка”, вели Пановски, но и предупредува дека младината веќе го шири вирусот.

„Добар дел од средношколците и нешто постарата младина летово ‘добро’ се имунизираа на забавите низ дискотеките, клубовите и кафулињата, особено во Охрид и Скопје. Дел од нив можеше да се видат како киваат и кашлаат, но за жал нема кој во земјава тоа да го согледа, истражи и анализира”, вели Пановски.

Тој вели дека прогнозите за наредниот период се тешки кога станува збор за ковид-19, што се покажа и на глобално ниво, затоа што и вирусот постојано мутира, но нагласува дека надежта останува на процентот на вакцинираните и особено на прележаните од болеста.

Навраќајќи се повторно на учебната година, Пановски вели дека нему наставници му се обраќаат со загриженост заради тоа што не е мал бројот на нивни колеги кои не се вакцинирани. Се јавуваат и загрижени невакцинирани наставници.

„Но што да им се каже? Да се вакцинираат, нели. А има и наставници кои велат дека се вакцинирани, а тестот за проверка им покажал нула – имунитет. Само вакцините нема да го направат колективниот имунитет, но со поголем опфат на населението, ќе имаме помалку болни. Пандемијата нема да заврши наскоро, ќе има периоди на стишување и на раст. Израел и Велика Британија животот го вратија речиси на нормала, гледаме Премиер лига со полни трибини на стадионите, а бројките на новозаразени се бројат во илјадници. Значи, државата мора да се бори со болеста, но мора да носи правилни одлуки и тие навистина да се спроведуваат, а не да импровизира”, вели професорот Никола Пановски во разговор за МКД.мк.

Инаку, тој на својот фејсбук – профил упати апел до граѓаните да внимаваат, бидејќи само една доза од вакцина не им дава безбедност од вирусот:

„Почитувани жители на Македонија, вие кои сте примиле една доза вакцина деновиве или ќе ја примите следниов период, а не сте прележале ковид. Ве молам да не влегувате во објектите во кои власта ви дозволува да влегувате. Вие се уште немате имунитет, не сте заштитени, под голем ризик сте таму да се заразите и потоа да ја ширите заразата. Потврдата не ве штити од зараза, нека не ви дава лажна сигурност. Откога ќе ја примите втората доза и ќе поминат две недели, тогаш може да претпоставиме дека сте заштитени“.