Сексуалните престапници се „непријатели“ кои треба да бидат судени и казнети, но сепак заслужуваат христијанска љубов и грижа, бидејќи сепак се Божји деца, рече папата Франциск.
Тој го кажа тоа на 29 април во приватен разговор со језуитите додека беше во посета на Унгарија, а неговата изјава беше објавена вчера во италијанското издание „Сивилта Католика“ (Civilta Catholica).
„Насилникот е непријател. Секој од нас го чувствува тоа, како што чувствуваме сочувство за страдањата на жртвите, дури и во разговорот со насилникот постои одвратност, не е лесно. Но, и тие се Божји деца. Тие заслужуваат казна, но заслужуваат и грижа“, рече папата Франциск.
Минатата недела, тој ја пофали работата на меѓународната комисија на Ватикан за спречување на сексуална злоупотреба и ја охрабри да продолжи по неодамнешната оставка на висок член кој ја обвини за недоволна транспарентност.