Папата Франциск, кој веќе поедностави многу раскошни церемонии во Ватикан, одлучи да го стори истото со папскиот погребен обред и да биде првиот по повеќе од сто години што ќе биде погребан надвор од Ватикан.

Папата, кој в недела ќе наполни 87 години, ги откри плановите за неговиот погреб во интервју за мексиканската телевизија N+.

Франциск соопшти дека работи со церемонијалниот господар на Ватикан за да ги поедностави долгите погребни ритуали што се користеле за неговите претходници.

Тој додаде дека поради неговата посветеност на Марија, Богородица, решил да биде погребан во римската базилика Санта Марија Маџоре, каде што традиционално оди да се моли пред и после секое патување во странство.

Света Марија Велика е најголемата маријанска црква во Рим и е една од четирите големи, односно папски базилики. Се наоѓа на околу еден километар од Колосеумот.

Повеќе од еден век, папите го имаат последното почивалиште во криптата под базиликата Св. Петра. Последниот папа што е погребан надвор од Ватикан е Лав XIII чие последно почивалиште е во базиликата Свети Јован Латеран.