Поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциско ги осуди денес во велигденската порака „До градот и светот“ (Urbi et orbi) бројните „камења на сопнување“ на патот на мирот во светот, од Украина преку Блискиот Исток до меѓународниот тероризам.
Пред околу 100.000 верници на Плоштадот на свети Петар во Ватикан папата изрази „силна загриженост“ поради неодамнешниот пораст на нападите на Блискиот Исток, кој според него се заканува на „дијалогот на Израелците и Палестинците“.
Како и минатат година, во неговата порака посебно место имаше војната во Украина.
„Утешете ги ранетите и оние кои изгубиле блиски поради оваа војна и направете заробениците да можат да се вратат живи и здрави на своите семејства“, кажа папата и ја повика меѓународната заедница „да ја прекине оваа војна, како и сите крвави конфликти во светот“.
Наведувајќи дваесетина земји, лидерот на 1,3 милијарди католици зборуваше за Либан „кој сè уште трага по стабилност и единство“, Тунис и „неговите (социјални и економски) проблеми“, „тешката социјално политичка и хуманитарна криза“ на Хаваи и „жртвите на меѓународниот тероризам“ во Буркина Фасо, Мали, Мозамбик и Нигерија.
Тој ги спомна и жртвите на земјотресите кои во февруари ги погодија Турција и Сирија, во кои настрадаа над 56.000 луѓе, додека штетата е проценета на повеќе стотици милијарди евра.
Пред овие изјави папата ја водеше Велигденската миса и во својот папамобил се прошета низ насобраната толпа на Плоштадот свети Петар, благословувајќи ги верниците во топла атмосфера.
Синоќа 86-годишниот папа Франциско служеше миса на велигденското бдеење во базиликата Свети Петар во присуство на околу 8.000 луѓе. Минатата недела папата мина три дена во болница поради бронхитис. Неговото здравје изгледа сè послабо, а се движи во количка поради болку во колената.