Кочани е мојот роден град. Град во кој растев, созревав, град во кој ја обезбедувам својата егзистенција. Кочани заслужува чесни и стручни луѓе, Кочани заслужува транспарентност и знаења. Живееме во време кога ни се скратени елементарните човекови права, изјави Љупчо Папазов, кандидат за градоначалник на Кочани.
Во продолжение неговата изјава
Општина Кочани е соочена со тешки предизвици. Кревок социјален стандард на граѓаните, последици од пандемијата, слабеење на локалната економија предизвикани од лошото менаџирање на власта.
Сето она што во го ветуваа сегашните претставници на власта, сега го избегнуваат како тема на разговор, од сообраќајниот метеж до зелената програма. Да не зборуваме тука за проектите кои беа само на хартија, а сега се заборавени и за нив не се дискутира.
Како кандидат за градоначалник, но и како градоначалник ќе се залагам за секојдневна комуникација со граѓаните на Кочани, секојдневни средби и ќе им бидам на располагање секогаш.
Им подаваме рака на сите стручни, вредни и чесни, на сите кои сакаат развој на нашата општина Кочани.
Одлуките ќе се носат преку активна улога на урбаните и месните заедници, во чии управувања на транспарентен начин ќе бидат избрани најмотивираните сограѓани. Преку воспоставување на дигитални алатки и платформа со олеснет визуелен пристап ќе обезбедиме поголема интерактивност и целосно електронско учество во конкретните процеси за развој на заедницата.
Целосна дигитализација на локалната администрација, со што значително ќе се поедностави секојдневната комуникација на граѓаните во остварувањето на нивните потреби.
Планирање на урбанизација која ќе овозможи да бидат реализирани квалитетни и одржливи решенија, а акцент ќе ставиме на еколошката ефикасност. Решенија кои ќе ја зголемат деловната активност на стопанските субјекти но и ќе донесат повеќе придобивки за кочанчани.
Ќе водиме посебна грижа за човечкиот потенцијал, институционална поддршка и едукација. Ќе ја форсираме тимската работа во креирањето на политики и цели за развој на нови професионалци кои ќе учествуваат во раководењето на Кочани.
За сите креативни и иницијативи, а особено оние кои произлегуваат од младата популација ќе обезбедиме партнерско вмрежување со науката со цел зголемување на шансите за нивна реална остварливост. Време е да ја завршиме епохата во која граѓаните работеа за политичарите. Доаѓа време ние да се ставиме во служба на целите и интересите на граѓаните за успешен развој на градот Кочани.