Закон за нефер трговски практики

За да се заузда трговската алчност, во март се донесе посебен Закон за нефер трговски практики со што сме единствена држава во регионот со ваков закон, а ефектите уште се чекаат, бидејќи не беше прецизирано кој ќе контролира. Сега се знае и од идниот месец ќе паднат и првите казни за тие кои нема да ги почитуваат правилата. Трговците имаа период на адаптација, но го искористија за поскапување, а на потрошувачите им следеше нов ценовен шок во мај кога цените одмрзнаа. Работниците со минималец од 22.567 денари тешко успеваат да ја наполнат потрошувачката кошничка од над 1.000 евра.

Влада: Доколку нема ефекти од новогодишната кошничка, ќе има замрзнати маржи

Владата се реши за нова мерка есенската кошничка, а потоа и новогодишна, која се наполни со над 1.000 производи поевтини за 10 отсто. Анализите се чекаат, а Владата предупреди дека доколку нема ефекти ќе има замрзнати маржи.

Високите цени се резултат и од увозната зависност. Владин приоритет се инвестициите, да се задржи работната сила, да се зголемат продуктивноста и растот, а да се намали увозот. Дојде и задолжување од една милијарда евра, унгарски кредит за поддршка на компаниите, вложувања во инфраструктура, но и за враќање на долгот за еврообврзницата кој ни доаѓа на крајот на јануари.

Пари за бизнисот на почетокот на 2025-та година

За шест месеци шест нови инвестиции и 2.000 нови работни места. Инвестирањето во компаниите од Владата го гледаат како одбранбена алатка за ублажување на последиците од економската криза во Германија, која е наш најголема трговски партнер. Бизнисот парите би требало да ги добие на почетокот на 2025-та. Новиот буџет донесе најмногу пари за образованието и здравството и поголеми плати во администрацијата за зголемување на продуктивноста и мотивирање на работниците.

Од март зголемување на минималецот

Од март се најавува зголемување на минималецот. Со вкупно 31 милион евра ќе има и подобрување на пазарот на труд со квалификувана работна сила. ЕВН ќе испорача новогодишна честитка, со минимално повисока сметка за струја за домаќинствата. Ќе има намалување на мрежарината од 7 отсто. Оптимизмот дека во 2025 конечно можеме да очекуваме економско заздравување економистите и Владата го темелат на најавените инвестиции, особено во енергетскиот сектор. Сенка фрла само рецесијата со која се соочуваат западните земји, што може да влијае и кај нас.

Извор: МРТ