СДСМ фрли ракавица

„После војна сите генерали“. И покрај седум години власт на СДСМ, дури сега откако дојдоа во опозиција предлагаат законски корекции за минималната плата да се зголеми за 12,3 проценти. Според партискиот лидер Филипче предлозите се поради растот на цена на храната и на потрошувачката кошничка како и ниската куповна моќ. Тој бара поддршка од сите пратеници, со став дека предлог-измените се во интерес на сите граѓани.

Зошто СДСМ не размислуваше вака додека беше на власт?

Од ССМ ги прашуваат СДСМ зошто додека биле на власт не го покачиле минималецот?

„За да бидете поразлични од ССМ, зошто не 600 евра, туку 450 евра? Бидејќи кога Синдикатот побара додека бевте на власт, велевте дека е невозможно! Борбата продолжува“ – пишува на социјалните мрежи претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

ВМРО-ДПМНЕ најде грешка на СДСМ

Од ВМРО-ДПМНЕ пронајдоа грешка во математиката на СДСМ и рекоа дека нема да гласаат за овие законски измени.

Цели 10 проценти СДСМ и нејзиниот лидер имаат промашено во законот којшто го предложија, што укажува дека водат пазарџиска политика. ВМРО-ДПМНЕ го одби предлогот на пратениците на опозицијата.

Системско решение за раст на платите

Велат, Владата заедно со синдикатите подготвува системско решение за раст на платите.

Минималната плата во земјава изнесува околу 370 евра, пред почетокот на изборната кампања за двојните избори, ССМ излезе со барање таа да се зголеми на 450 евра.