Одлуката донесена на барање на членството на партија на пензионерите: 90% поддржале коалиција со актуелната власт
Партија на пензионерите официјално ќе ја напушти досегашната коалиција со СДСМ и на претстојните локални избори ќе настапи како дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, потврди претседателот Илија Николовски. Одлуката, како што рече, е донесена врз основа на широк внатрепартиски консултативен процес и доминантно изразеното мислење на базата.
- – Ние, како Партија на пензионери, досега бевме во коалиција со СДСМ. Имаме извршен одбор, имаме централен одбор, расправавме на таа тема и од 100 луѓе, неколкумина се изјаснија дека треба да бидеме самостојни. Ниту еден не се изјасни дека треба да останеме со СДСМ, а 90% се изјаснија дека се за коалиција со актуелната власт. Желбата на членството е да одиме со актуелната власт – изјави Николовски.
Советнички листи во Штип, Делчево и Пехчево, кандидат за градоначалник во Карбинци
За претстојните локални избори, партијата ќе се натпреварува со свои советнички листи во Штип, Делчево и Пехчево, а во општина Карбинци ќе има и сопствен кандидат за градоначалник.
– Ние имаме кандидати, ќе предложиме во Штип да имаме советник, во Карбинци имаме и кандидат за градоначалник, ќе бараме во Делчево, во Пехчево – додаде Николовски.
Ќе бараат и функции на државно ниво – министерски и директорски позиции
Партијата очекува зголемена активност и мобилизација на членството, како и зголемен број на советнички мандати во општините каде ќе учествува. Покрај локалното, ќе бара и учество на државно ниво, преку министерски и директорски функции, како дел од новата коалициска структура предводена од ВМРО-ДПМНЕ.