ПАРТИЈА НЕСПОСОБНА ЗА РЕФОРМА

Со имиња што веќе биле дел од врвот на СДСМ, меѓу кои и поранешни функционери, екс градоначалници и директори против кои се водат судски постапки, новиот партиски состав на Венко Филипче отвори жестоки реакции уште пред официјално да започне најавената реформа на партијата.

По седницата на највисоките партиски органи е одлучено Александар Саша Димитијевиќ да остане генерален секретар на СДСМ. За нови потпретседатели се избрани пратеничката Јована Тренчевска и докторот Александар Трајановски, додека Љупчо Фармаковски е назначен за организациски секретар.

Најголем интерес предизвика составот на новиот Извршен одбор. Во него влегува поранешниот директор на Затворот „Скопје“, Филип Андов, против кого во моментов се води судска постапка по обвинение за злоупотреба на службената положба и овозможување спровод на осудени лица за приватни потреби.

Дел од Извршниот одбор станува и поранешниот претседател на општинската организација на СДСМ во Битола, близок до Васко Ковачевски и екс директор на битолскиот затвор, Драган Крајовски. На листата се и поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, како и Андреј Жерновски.

По повлекувањето од партијата во март, откако беа објавени компромитирачки фотографии, во партиските органи се враќа и Јон Фрчковски.

Во новата поставеност место има и за кадри кои претходно поднесоа оставки. Наместо на подпретседателска функција, Ана Чупеска ќе раководи со Советот на партијата. Филипче најави дека токму оваа структура ја гледа како нова енергија за придвижување на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека станува збор за, како што наведуваат, старите кадри на Зоран Заев кои ја доприватизирале партијата, додавајќи дека следниот чекор е стечај на СДСМ.

Со новото раководство и со Антикорупциски тим составен од млади луѓе и истражувачи, Филипче најави дека ќе ги разоткрива коруптивните шеми на актуелната власт.

Партија неспособна за реформа