На денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, упати остри критики кон СДСМ, обвинувајќи ја партијата дека во изминатите години носела законски решенија со кои се поставувале партиски кадри во Судскиот совет – институцијата што ги избира, именува и казнува судиите во државата.

„Во Собранието предлагавте законски решенија во кои што стававте партиски кадри во Судски совет, тоа се луѓето коишто ги избираат, именуваат, казнуваат сите судии во Македонија“, рече Пренџов.

Тој додаде дека во последните три децении, кога СДСМ биле на власт, не бил реализиран ниту еден значаен капитален проект, а, како што наведе, криминалот и корупцијата го поткопувале функционирањето на институциите. Пренџов тврдеше дека владеењето на претходната власт се темелело исклучиво преку влијание врз правосудните органи.

„СДСМ изминатиот период немаше добри проекти, вие исклучиво функциониравте и владеевте преку обвинителството и преку судството. Бидејќи обвинителството апсеше по наредба на Зоран Заев, а судството судеше исто така по наредба на Зоран Заев“, истакна пратеникот.

Пренџов заклучи дека граѓаните заслужуваат транспарентно, професионално и независно судство кое нема да се користи за партиски цели, стои во партиското соопштение.