Патиштата ви се лоши, да си ги поправите – нобеловецот по економија Пол Кругман вака ги искара премиерот и министрите на Скопскиот економски финансиски форум каде што беше почесен гостин. Зборувајќи за тоа како повеќе да се привлечат странски инвестиции во време на криза, потенцираше дека вложувањата во инфраструктурата се од клучна важност. Вели во вакви услови инвеститорите ќе ги селат фабриките во земјите од Западен Балкан и државите со пониски плати, па тие треба да бидат подготвени да ги привлечат на нивна територија.
„Локацијата ви е добра. политичкиот систем ви е добар. Патиштата треба да ги поправите но ако го направите тоа, вашите можности се големи. Фабрики од Холандија, Белгија ако сакате да го преселат производството овде , најважна е таа инфраструктура за транспорт“ – вели Пол Кругман – нобеловец по економија.
Кругман не очекува дека глобалната економија ќе падне во рецесија, но ќе има ниски стапки на економски раст. Високите стапки на инфлација, пак, смета дека ќе се задржат година до две, со значително намалување во следниот период. И премиерот Ковачевски на форумот рече дека очекува забавување на инфлацијата во втората половина од годината. Истакна дека меѓу главните приоритети на владата се мерките за ублажување на ценовните шокови за зачувување на животниот стандард на населението и ликвидноста на фирмите.
„Со стабилизирање на ценовните притисоци, со нормализирање на синџирите на добавување, но и со спроведување на владиниот план за заздравување и забрзување на растот, прогнозите се дека економскиот раст кај нас на среден рок ќе забрза. Економскиот раст годинава е проектиран на 3,2%, што е намалување за 1,4 пп. во споредба со макроекономските проекции во буџетот за 2022 година “ – вели Димитар Ковачевски, претседател на Влада.
Времето на евтини пари е зад нас. Кругман посочува дека централните банки полека почнуваат да ги подигнуваат каматите и покрај тоа што нивните можности за интервенции во борба со инфлацијата стануваат прилично ограничени. Премиерот Ковачевски, пак, се пофали дека Владата обезбедила поволни извори за финансирање на долговите, без да посочи дали мисли на најавениот заем од ММФ или издавање еврообврзница.