„Бујар Османи, министер за надворешни работи, потврди дека за уставните промени крајниот рок не е ноември, како што цела година ги лажеа граѓаните, медиумите парламентот, САД и другите наши партнери и поддржувачи. Тоа значи дека нема формално започнување на преговорите со ЕУ и отворање на кластерите“, вели претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

„Година дена Ковачевски, Маричиќ и Османи лажеа, манипулираа и вршеа невиден притисок за уставни промени и вградување на Бугарите во Уставот, како предуслов за започнување на преговорите со ЕУ, како единствен предуслов, но Бујар Османи јавно призна дека рокот е до крајот на мандатот на оваа Влада, односно до јуни 2024 година.

Сосема е јасно дека блокадата за ЕУ, не ја прават граѓаните и опозицијата,туку Владата“, пишува Трајанов.

„Османи ги знае најавите од некои земји членки на ЕУ, дека и по уставните промени нема согласност за почеток на преговорите и отворање на кластерите, поради организираниот криминал и корупцијата, поради некредибилниот и корумпиран судски систем, поради невладеењето на правото и партизацијата, како и поради отсуството на реформи и резултати.

После ваквото фијаско, единствено што преостанува е одговорност, оставка на Владата и предвремени парламентарни избори.

Господине Ковачевски, ако продолжите и натаму со оваа агонија, да инсистирате уште некој ден да бидете на власт, Вие ја преземате одговорноста за блокадата на евроинтеграциите и хаосот во кој ќе ја вовлечете државата. Мој совет Ви е, поднесете оставка!“, додава Трајанов во соопштението.